Битолските Роми бараат подобри услови за живот

14 May, 2017 - 15:53

Сание Муса има 35 години, мајка е на 6 деца, од кои 4 се малолетни. Семејството живее во голема сиромаштија во ромската населба на битолскиот Баир, никој не работи, а социјалната помош не  стига само за леб. Децата завршиле четврто одделение и ниту едно не го продолжило школувањето. Сега просат по улици.

-Децата ми одеа на училишпте, но беа многу малтретирани, по што го прекинаа образованието, нема пари да им купам облека, чевли, чизми, вели Сание Муса., жтел во ромската населба на битолскиот Баир. 

Нејзината судбина ја делат над 500 ромски семејства во Битола,  без елементарни услови за живот, во постојана борба со сиромаштијата, гетоизирани и дискриминирани. 

-Ние сме граѓани на оваа држава, секој човек има право да бара работа, да влези во секоја институција, во секоја продавница. А нас не третираат како ништо да не сме, рече Ајредин Мусовски. 

Голем дел куќите на Баирот немаат вода и струја, поради што  луѓето не можат да одржуваат ни лична хигиена.

Тоа е причина и за се поголемото двоење во основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“, каде се формираат паралелки со исклучиво ромски деца.

-Тоа училиште веќе е еднонационално, само ромчиња учат таму, а децата кои според реонот припаѓаат таму, родителите ги пуштаат во други училишта, вели Селајдин Касум, член на Ромскиот парламент. 

Од секторот за образование во битолската општина   велат дека  за да се надмина оваа појава има предлог  наставниците  да бидат пример за соживот и тие да  ги запишуваат своите деца  во  училиштето „Ѓорѓи Сугарев“ , иако не припаѓаат во тој реон.  Но, од општина Битола, не успеавме да добиеме одговор зошто не ги решава проблемите во оваа населба и зошто и понатаму сите се водат на една улица и два броја, куќите им се дивоградби, немаат имотен лист, не можат да извадат лични документи.

Од  невладината РОМА СОС велат дека надлежните немаат слух за нив. 

-Нивното игнорирање на барањата на ромската заеница, се всушност знак дека нема воља за решавање на овие проблеми, а тоа е основната причина зошто генерациски и децениски се повтроуваат проблемите и не може да се изнајде решение за состојбата со Ромите во општина Битола.

Ниту декадата на Ромите ниту бројните ветувања на политичарите не ја променија  сликата во ромската населба на битолскиот Баир.  Ромите велат дека политичарите им се редовни гости само пред избори и со години ги слушаат истите ветувања. 

-Им требаме, посебно на партиите само кога има избори, сега за локалните избори сите ќе трчаат по нас, ќе направат нешто и после ќе ги снема. Треба да водат малку сметка за нас, затоа што, пред се, ние сме луѓе, вели Касум. 

Емилија Мисирлиевски

Веста е прочитана 49 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

ТОП ТЕМА